Оштетена јахта со 55 мигранти безбедно вплови во пристаништето на грчкиот остров Родос. Две лица од бродот се уапсени под сомнение дека работат за ланец на шверцери со луѓе, објавија грчките власти.
Бродот се закотвил по операцијата за спасување што траела цела ноќ, а официјалните лица наведуваат дека сите патници се во добра здравствена состојба, пренесува АП.
Во изјавата на крајбрежната стража се наведува дека операцијата за спасување била попречена од силен ветер, поради што мигрантите не можеле да бидат пренесени во чамците.
Во посебен инцидент, 96 лица беа спасени вчера со помош на хеликоптери, патролни чамци и трговски бродови, кога нивната јахта делумно потона покрај брегот на малиот остров Халки, недалеку од Родос. Две лица од тој брод сè уште се водат како исчезнати.