Собрани се 233 крвни едници во тек на двете крводарителски акции што се одржаа вчера во Скопје по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, а од почетокот на годината досега се собрани повеќе од 20.000 единици крв, информираа денеска од Институтот за трансфузиска медицина.
Крводарителите вчера даруваа крв во Домот на АРМ и во манастирот во Матка.
-Крводарителските акции беа успешно спроведени согласно протоколот за заштита при пандемија, велат од Институтот.
Оттаму дополнуваат дека изминатиот период е обезбеден континуиран прилив на крвни единици со што се избегнала можноста да се чувствува недостаток на крвни продукти за потребите на витално загрозени пациенти.
– Да бидеме хумани, да даруваме крв. Тоа е највисокиот чин на алтруизам, порачуваат од Институтот за трансфузиска медицина
Информации за распоредот на крводарителски акции може да се добијат на телефоните: 00389 (0) 23226923 локал 125 при Институтот за трансфузиона медицина на Република Северна Македонија. Службите за трансфузиска медицина се наоѓаат во кругот на општите и клиничките болници низ градовите ширум државата, каде што може да се дарува крв.