Македонската фудбалска репрезентација денеска го одработи првиот тренинг во пресрет на двата натпревари од Лигата на нации против Ерменија во Скопје на 5 септември и против Грузија три дена подоцна на гостински терен. Пред стартот на мини-подготовките македонските репрезентативци имаа тест за коронавирусот и сите се негативни.
Селекторот Игор Ангеловски – Мрме на првиот тренинг на располагање ги немаше двајцата голмани Столе Димитриевски и Дамјан Шишковски. Голманот на Рајо Валјекано, Димитриевски треба да пристигне од Шпанија вечерва, додека Шишковски е тука но бидејќи пристигнал подоцна ги чекаше резултатите од тестот за Ковид-19 за да им се приклучи на тренинзите на соиграчите.
Македонските репрезентативци последниот заеднички собир го имаа во ноември минатата година пред последните натпревари од квалификациите за Европското првенство. Последниот натпревар го одиграа против Израел на домашен терен на 19 ноември и победија со 1-0.
Фото – ФФМ