Пропадна обидот за смена на романската Влада, парламентот немаше кворум

Не успеа денешната иницијатива за смена на романската малцинска Влада на премиерот Лудовико Орбан, бидејќи и дебатата и гласањето во парламентот беа откажани заради недоволен кворум за работа и одлучување.

Орбан на тој начин го „преживеа” обидот за соборување од опозициската Социјалдемократска партија, што ќе ја зајакнеше опозицијата пред локалните избори на 27 септември, пренесуваат британските медиуми.

Потребен беше кворум од најмалку 233 пратеници, но на седницата се појавија само 226.

Претседателот на Долниот дом на парламентот, Марсел Чиолаку, член на социјалдемократите, изјави дека нема да има презакажување на седницата за иницијативата за смена на владата.

-Нема зошто повторно да закажуваме, иницијативата не успеа. Се боревме да обезбедиме 233 пратеници и не успеавме, рече Чиолаку.

Социјалдемократите, кои ја изгубија власта кон крајот на минатата година, останаа најголемата парламентарна партија, но поддршката за партијата е преполовена од изборите во 2016 година.

Од друга страна, Националната либерална партија (ОНЛ) на Орбан има големи шанси да формира коалициска влада по следните избори, кои најверојатно ќе се одржат во декември.

Треба да знаете
Последни објави