На 14 септември почнува учебната година во Грција, маската задолжителна за сите ученици

За да им се даде доволно време на родителите по враќањето од летните одмори и за да се ограничат движењата на асимптоматските, учебната година во Грција ќе започне една седмица подоцна од планираното, односно на 14, наместо на 7 септември, соопшти денеска министерката за образование на Грција Ники Керамеос, јави дописничката на МИА од Атина.

Керамеос на денешната прес конференција упати апел до родителите да се вратат од одмор за да се ограничат движењата и за да се стабилизира епидемиолошката слика во земјата.

Министерката за образование на Грција ги повтори мерките и протоколите за учениците соопштени минатата седмица, односно дека секое одделение и секој клас ќе бидат со полн капацитет, односно со физичко присуство на сите ученици, а маската ќе биде задолжителна за сите.

За секој ученик ќе бидат обезбедени по две бесплатни платнени маски, како и по едно шише за вода за повеќекратна употреба.

Бесплатни маски се предвидени и за наставниците и професорите.

Училиштата редовно ќе се чистат, а со помош на општините ќе има антисептици, додека пак планирано е, доколку е потребно, да се вршат и тестирања по случаен избор за Ковид-19.

Треба да знаете
Последни објави