Со примопредавање на функцијата новите министри и официјално го започнаа четиригодишниот мандат. Најголем дел од нив вчера ги презедоа функциите, а останува денеска уште поранешниот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров да си ги разменат функциите и да почнат да раководат со новите ресори што им припаднаа, по што новата Влада и официјално ќе почне со реализацијата на нејзината програма.
На вчерашната средба со претставниците на четирите стопански комори во земјава премиерот Зоран Заев најави дека Влада целосно ќе биде посветена на економијата, јакнење на компаниите, извозот и оти ќе води стабилна даночна политика.
-Испраќаме порака за доминантен фокус на Владата на економијата, економскиот стандард на нашиот народ, севкупен економски раст и развој затоа што нивото на кое сме дојдени навистина е „напеналено”, а пред нас е неповторлив период кој мораме да го искористиме. Испративме порака за предвидливост во периодот кој претстои, ќе има е стабилен период без предвремени избори, четиригодишен, многу значаен за домашната економија која ќе може да прави планови за свој динамичен раст и развој и да ја има предвид превдидливоста за кои било идни инвестициски или кои било активности на бизнис секторот, изјави по средбата Заев.
Во есенско зимскиот период следуваат, како што најави, нови пакети мерки за помош на стопанството кое е погодено од ковид-кризата. Мерките ќе се димензионираат заедно со коморите за, како што рече Заев, да се максимизираат сите ефекти.
Новата министерка за образование и наука Мила Царовска по двата одделни состанока со претставници на Сојузот на средношколци кои бараат комбинирана настава, но и со Иницијативата на родителите коишто бараат отворање на училиштата, порача дека Владата нуди комбиниран модел за старт на учебната година и секаде кадешто се исполнети условите од протоколите коишто веќе се усвоени, наставата ќе може да започне со физичко присуство во училиштата, независно од одделението и возраста на децата.