Денеска (01.09.2020) СВР Скопје- Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење” по чл.244-а од КЗ на објект бесправно изграден на бул.Гоце Делчев на платото пред ДТЦ Мавровка.
Од страна на СВР Скопје- Единица за економски и компјутерски криминал во координација со ОЈО- Скопје беа преземени соодветни мерки и активности во насока на утврдување на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело кое што се гони по службена должност по чл.244-а ,, Бесправно градење” од КЗ и по целосно документирање на случајот денеска до ОЈО- Скопје е поднесена соодветна кривична пријава.
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека Владата наскоро ќе донесе одлуки согласно кои ќе може да се реши проблемот со дивоградбата која се гради кај Мавровка .
-Денеска заедно со правните служби ги разгледавме сите модалитети на многу прашања, а едно од нив е и објектот кај Мавровка, проблем кој пркоси во центарот на Северна Македонија и Скопје и еден пркос за кој со право граѓаните реагираа. Денеска ќе донесеме конкретни одлуки не би сакал однапред да ги кажам бидејќи одлуки носи Владата, а не премиерот, рече Заев.
Во деталите на самите одлуки, појасни премиерот Заев, се оформени правните постаки за тоа како треба Владата да пристапи во испорачувањето помош за една локална самоуправа, а во случајот тоа е општина Чаир.
-Општина Чаир има записник и решение, но нема компанија да го изврши решението односно да ги спроведе работите за остранување на објектот кој не е согласно законска документација. Штом ќе ја донесеме одлуката ќе ја објавиме и верувам дека многу брзо ќе почнат активностите на терен за да се справиме со ова незаконско дејание што ни се случува дрско пред очите на целата јавност, истакна Заев.