По пауза од шест месеци поради коронавирусот, Филхармонија в четврток, со почеток во 20 часот, ќе ја почне новата концертна сезона со концерт симболично насловен „Звук на два метри”. Публиката ќе може да го слушне ремек-делото за два гласа и оркестар „Песни за земјата” од Густав Малер. Како солисти ќе настапат Корби Велч – тенор (САД) и Хajке Веселс – мецосопран (Германија), а диригент ќе биде романскиот диригент Габриел Бебешелеа, кој ќе ја извршува функцијата шеф-диригент на Филхармонија.
Директорот на Филхармонија Виктор Илиески на денешната прес-конференција информира за отворањето на концертната сезона 2020/2021 година и истакна дека по две децении институцијата добива свој шеф-диригент. Соопшти дека со диригентот Габриел Бебешелеа е направен двегодишен договор за развој и напредок на институцијата.
Тој информира дека новата концертна сезона ја отвораат со препорака од Комисијата за заразни болести со 30 отсто застапеност на публиката во однос на целиот капацитет или околу 300 билети би биле во оптег во однос на отворањето. Ќе има строги критериуми за публиката, при влез и ќе се држи дистанца, ќе се мери телесна температура. Се препорачува публиката да не се групира и да не се задржува во холот и во самото гледалиште, со конкретни дистанци кои се препорачуваат од СЗО и од надлежните во земјава. Публиката, како што рече, би била со маски. Илиески рече дека и во креирањето на програмата се внимава да има потребна дистанца и меѓу музичарите.
Илиески ја претстави програмата од новата сезиона. Дел од концертите се проекти кои требаше да се реализираат минатата сезона – концертот со Јерухам Шаровски и Даниеле Акта, настапите на Дмитри Маслеев, Миша Бругергосман, Шерон Ковакс… Во новата сезона ќе настапат исклучителни солисти како руската виолончелиститка Анастасија Кобекина, виолистот Тимоти Рајдаут, виолинистот Филип Квинт и други уметници кои во моментов се актуелни на светската музичка сцена.
Оркестарот во новата концертна сезона ќе го водат диригентите Антони Вит, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Кристијан Рајф…
Диригентот Габриел Бебешелеа информира дека имал можност да работи со оркестарот на Филхармонија и изрази задоволство од соработката со музичарите кои, како што рече, и се посветени на работата. Изјави дека имале големи планови за програмата, но тие делумно пропаднале поради пандемијата со Ковид-19. Според него, делото „Песни за земјата” одлично кореспондира со целокупната ситуација.
За двајцата солисти Корби Велч и Хајке Веселс, ова е прв настап по шест месеци. Тие ги споделија своите очекувања од концертот и истакнаа дека станува збор за фантастично дело и одличен избор за почеток на сезона во вакви услови.
На прес-конференцијата беше најавено новото повеќегодишно спонзорство на Филхармонија со НЛБ Банка и Мастеркард.