По започнувањето на активностите во албанските политички партии за избор на кандидати за изборните листи за пратеници, амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Тирана, Јури Ким, испрати писмо до лидерите на најголемите партии во Албанија, Еди Рама, Љуљзим Баша и Моника Круемади,пренесува агенцијата Балкан веб.
Според истиот извор Ким бара од нив да преземат одговорност за кандидатите и да го обезбедат нивниот интегритет. Таа им сугерира на партиските лидери ветинг за кандидатите, а на листите да бидат само оние кои се квалификувани и кои ги се почитувани од страна на албанските гласачи.
-Кандидатите, пак, се одговорни за откривање на нивното криминално минато, а партиските лидери мора да обезбедат интегритет и вистинитост на изјавите на оние што сакаат да бидат избрани под мотото на нивните партии, наведува Ким.
Амбасадорката потсетува дека поради законот за декриминализација неколку пратеници или градоначалници си заминале од фукциите со поднесување оставки или се под истрага.
На локалните избори минатата година, дел од избраните функционери на Социјалистичката партија се покажа дека го криеле своето минато.
„Соединетите американски држави се посветени на борбата против корупцијата и стојат покрај секого кој сака да спречи корумпирани службеници да работат нелегално и неказнето. САД ќе продолжат да го користат своето право да забранат корумпирани службеници да влегуваат на територијата на САД”, пишува Ким.
Досега ваква мерка е превземена против пратеникот Том Доши, поранешниот државен јавен обвинител Адријатик Лала и ексградоначалникот на Драч, Ванѓуш Дако, додека на над 170 други функционери им е одбиено барањето за виза.
Обраќајќи им се на албанските политички лидери, амбасадорката Ким им порачува дека „ можете да одиграте значајна улога во овие напори, со тоа што ќе ги оставите надвор од изборните листи на вашите партии, оние луѓе кои се познати како корумпирани”.
Парламентарните избори во Албанија треба да се одржат во јуни следата година, а за одредување на датумот шефот на државата Илир Мета ги покани Рама и Баша да разговараат на одделни средби во петок во претседателската резиденција.