Белгија: Истражувачки тим со значајно откритие во борбата против ракот

Истражувачки тим од Универзитетот во Брисел, УЛБ, дошол до ветувачки сознанија за функционирањето и развојот на ракот на дојка и на простата, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Научниците успеале по првпат да ги идентификуваат механизмите преку кои се одвива комуникацијата помеѓу одредени клетки и заболениот орган, ова откритие би требало да овозможи значаен напредок во борбата против ракот на дојка и на простата, велат од тимот.

Белгиската студија е презентирана во најновиот број на научното списание ‘Nature’, каде е детаљно објаснето откритието на тимот.

Истражувањето на екипата од белгискиот универзитет открива дека кога е пореметено нивното функционирање, клетките во дојката и простатата стануваат “мултипотентни”, односно можат да произведат два различна типа на клетки – базални и луминални. Кога овие хибридни клетки не успеваат да вратат на своето првобитно, “унипотентно”, функционирање и кога пациентот се наоѓа во посебна состојба (генетски предиспозиции, хронични воспаленија, итн.), се појавува ризикот од формирање на рак.

-Во текот на човечкиот развој, првите клетки ги раѓаат сите други клетки во организмот како и разновидни поттипови на клетки. Повеќето сами се обновуваат секојдневно и се заменети со нови клетки. Кај возрасниот човек, оваа замена се ефектуира преку еден тип на клетки, унипотентни кои даваат еден поттип само, вели докторот Седрик Бланпен од тимот. Наодите на екипата овозможиле да се открие дека клетките што станале хибридни се опасни само кога таа “мултипотентност” трае. Инаку, клетките кои се хибридни само на кус рок, додека трае регенерацијата, не претставуваат ризик.

Тимот истражувал како се одвива таа комуникација помеѓу разните клетки во организмот и дошол до заклучок дека елиминацијата на луминалните клетки доведува до активирање на мултипотентноста на базалните клетки кои потоа се одговорни за “прехранување” на луминалните клетките во разни делови од организмот, како дојката и простатата. Истражувањето успеало да одреди кои се молекуларните механизми кои ги предизвикуваат промените во организмот како и генетскиот “потпис” на базалните мултипотентни клетки и начинот на кој тие раѓаат нови луминални клетки.

Со оглед на тоа дека мултипотентноста се поврзува со формирањето на ракот на дојка и на простата, научниците успеале да ги идентификуваат молекулите кои ја ограничуваат мултипотентноста во нормални услови.

-Идентификацијата на молекулите кои ја контролираат мултипотентноста ќе помогнат, се надева, да се инхибира формирањето на ракот, вели за белгискиот весник Ле Соар, докторот Бланпен.

Треба да знаете
Последни објави