Играчот за врска на Ајакс, Дони ван де Бик е близу до финализирање на трансфер во Манчестер Јунајтед, откако ги помина медицинските прегледи. На крајот на минатата недела, двата клуба се договорија за трансфер сумата – 39 милиони евра плус потенцијални 5 милиони евра бонуси, а вчера стана јасно дека играчот се договорил за неговите лични услови.
Ван де Бик во моментов е во камп со репрезентацијата на Холандија пред претстојните натпревари на „лалињата” со Полска и Италија во Лигата на нациите, а токму во неговата татковина 23-годишниот фудбалер успешно ги помина медицинските прегледи. Ван де Бик ќе му се придружи на својот нов тим по натпреварот со Италија на 7 септември.
Ван де Бик има 175 натпревари во пет сезони за шампионот на Ередивизи, на кои постигна 41 гол. Тој ќе биде првото засилување во Манчестер Јунајтед ова лето.