Интегрален текст од изјава на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
„ЈО мора да се охрабри и да се стави над партискиот интерес на Зоран Заев. Зоран Заев, од позиција на премиер, и Нина Ангеловска од позиција на министер за финансии исплатиле антикризна помош за своите компании.
Имено Зоран Заев дал над 800 илјади денари државна антикризна помош за семејната компанија која врти милиони – Еленица, додека Нина Ангеловска си дала парична помош за својата фирма за интернет трговија Вебспот во висина од над половина милион денари.
И двајцата од позиција на функционери во владата, дале на свои приватни фирми пари од државниот Буџет.
Зоран Заев е повторно премиер, а Нина Ангеловска не се најде на листата на министри, но тоа не ја аболицира од одговорност за сторените неправилности за време на вршењето на функцијата.
Имаме основано сомнение дека во случајот е извршено кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 од Кривичниот законик со што е сторена штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, што се казнува со казна затвор од најмалку 4 години.
Го повикуваме ЈО да го истражи случајот и во најбрз можен рок да изврши дејствија во насока на враќање на парите кај граѓаните.
Недозволиво е да се мешаат јавниот и приватниот интерес и премиерот и министерот за финансии да си делат пари од буџетот со кој треба да управуваат, во интерес на целата држава и народ.
Ниту Зоран Заев, ниту Нина Ангеловска не смеат да ги користат парите на граѓаните за помагање на фирмите во кои тие или членови на нивното потесно семејство се сопственици.
Оттука ги повикуваме Зоран Заев и Нина Ангеловска во најбрз можен рок да ги вратат парите, и да не чекаат евентуална судска постапка, со што штета врз буџетот би била уште поголема, а ЈО го повикуваме да отвори постапка со цел казнување на ова недозволиво работење на штета на народот.
Почитувани, бидејќи ЈО и досега не реагираше по допрен глас по сите оние пресови и изјави дадени пред зградата на ЈО затоа сега по оваа прес конференција, овој текст што го прочитав ќе го доставам до Јавниот обвинител ако не слуша барем може да прочита за што се работи и да има допрен глас за да поведе постапка.