Црногорската Демократска партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ денеска го обвини Демократскиот фронт, член на победничката коалиција „За иднината на Црна Гора” и мнозинската опозиција, дека се одговорни за инцидентите што се случуваат во црногорските градови и притоа соопшти дека Црна Гора „ќе ги одбрани своите клучни вредности”.
Според ДПС, инцидентите се последица на националистичката и военоподбуцнувачка политика на Демократскиот фронт и мнозинската опозиција.
Негирајќи дека ДПС стои зад инцидентите, оттаму соопштуваат дека е срамно да се обвини партијата која со децении е на браникот на граѓанска Црна Гора и мултиетничката хармонија.
Партијата додава дека ги поздравува напорите на сите оние кои искрено работат на сузбивањето на националистичките собири на кои, како што наведува, се носат знамиња на друга држава и се загрозува мултинационалната хармонија.
„На кои се пеат четнички песни, се напаѓаат граѓани, се краде инвентар и се упатуваат повици за протерување на граѓаните на друга нација или религија”, се додава во соопштението на ДПС.
Таквото однесување, додава ДПС, нема да помине и Црна Гора ќе ги одбрани своите клучни вредности, пренесе РТЦГ.