Отворена нова и најсовремена Педијатриска болница на „Аџибадем Систина”

Хоспитален оддел, поликлинички педијатриски и неонатален оддел и 24/7 ургентен центар со три интензивни неги – неонатална, кардиохируршка детска и педијатриска се дел од новата најсовремена Педијатриска болница, која се наоѓа во комплексот на Клиничката болница „Аџибадем Систина”.

Новата Педијатриска болница, која е единствена од ваков тип во регионот, е распространета на површина од 4.000 квадратни метри и содржи и педијатриски ургентен центар, педијатриска кардиохирургија со интензивна нега и интервентна педијатриска кардиологија, дневна болница, Центар за рано откривање и третман на деца со сите форми на развојно доцнење.

Во болницата се вклучени 210 врвни професионалци. Во целата Педијатриска болница се вметнати и едукативни и содржини од забавен карактер со што се овозможува едно дополнително искуство при посетата и престојот на децата.

– Денеска сме тука да го одбележиме проширувањето на Клиничката болница „Аџибадем Систина” со отворање на новата Педијатриска болница. Болницата ги содржи сите педијатриски супспецијалности и е достапна за сите пациенти, како амбулантски така и хоспитални, а овозможува и изведување и на најкомплицираните педијатриски интервенции и кардиохируршки операции кај деца. Нашата цел е да ги унапредиме услугите за пациентите на Македонија и на регионот. Проширувањето се однесува на 4.000 метри квадратни но нашите планови не запираат туку, продолжуваме да растеме и да се развиваме согласно со потребите на пациентите во Македонија и целиот регион, изјави Ѓун Ѓунсој, главен извршен директор на „Аџибадем Систина”

Поликлиничкиот дел располага со 14 педијатриски и 4 неонатални амбуланти со што на едно место овозможува комплетна грижа за детското здравје. За децата се грижат 36 врвни и искусни педијатри – супспецијалисти по детска кардиохирургија, детска кардиологија, детска ревматологија, детска пулмоалергологија, детска неврологија, детска нефрологија, детска хемато-онкологија. Во рамки на болницата има и развојна педијатрија, ортопедија, стоматологија со анестезија, гастроентерохепатологија. Ќе функционира и специјална детска едукација, детска офталмологија, детска анестезиологија, детска дерматологија, детска радиологија, детска оториноларингологија, детска диетологија и нутриција.

Од Клиничката болница „Аџибадем Систина” информираат дека новата Педијатриска болница има капацитети за изведување на секаков вид хируршки зафати кај децата – детска кардиохирургија и детска хирургија. Во детскиот кардиохируршки дел ќе бидат опфатени хирургија на новородено и помало дете, детска дигестивна хирургија, детска урологија и детска реконструктивна урологија, детска траума, детска торакална хирургија, детска онколошка хирургија, детска пластична хирургија, детска неврохирургија, хирургија на уво, нос и грло кај дете и детска ортопедија.

– Денеска ја промовираме новата и најсовремена Педијатриска болница којашто овозможува мултидисциплинарен пристап во решавањето на здравствените проблеми кај децата, односно една интегрална грижа за здравјето на секое дете. Ова педијатриска болница е единствена од ваков вид во нашата земја и овозможува згрижување на деца од 0 до 16 години од сите области на педијатријата, рече шефот на педијатрија д-р Душко Фидановски.

Поликлиниката располага и со 10 дијагностички амбуланти и тоа кабинет за ехосонографија, спирометрија, кабинет за пулмо-алергологија, EMG-кабинет, EEG-кабинет. Функционира и кабинет за детска бронхоскопија со анестезија, кабинет за дијагностика на болести на крвта (цитоморфолошка анализа на периферна размаска, биопсија на коскена срцевина со цитоморфолошка анализа, дијагностика на малигни заболувања на крвта и солидни тумори, кабинет за инванзивни дијагностички процедури, ендоскопски иследувања, кабинет за детска гастроскопија и кабинет за детска колоноскопија со анестезија, биопсија на органи, радиолошка и имиџинг дијагностика, PET – CT, MRI 3 Tesla, MRI 1,5 Tesla, CT 128 SLICE, дигитален X-RAY со можност за детска анестезија, како и сала за катетеризација за изведување кардиолошки процедури кај деца.

Во склоп на Педијатриската болница, функцонира и педијатриски стационар со 16 болнички еднокреветни соби, од кои две ВИП-соби и една изолација со негативен притисок. Неонаталниот стационар, пак, располага со 27 неонатални кревети по принципот мајка-дете (rooming in).

Медицинскиот тим го сочинуваат и 80 медицински сестри, 36 болничари и друг дополнителен помошен персонал. Педијатриската болница, велат од „Ацибадем Систина”, по бројот на персонал, услугите и третманот кои ги нуди за децата, заедно со врвниот кадар на реномирани доктори, како и најнапредната технологија и апаратура со која е опремена го добива приматот на единствена и најсовремена педијатриска болница од ваков тип во земјата и регионот.

Треба да знаете
Последни објави