Без ограничувања во однос на капацитетите, регуларно, за сите деца, но со строго почитување на мерките, денеска во Грција се отворија детските градинки, јави дописничката на МИА од Атина.
Маската е задолжителна само за вработените, додека пак за децата е доброволна.
За разлика од градинките, маската ќе биде задолжителна во забавиштата за деца од четири до шест години, како и за сите ученици во основните и средните училишта, кои веројатно ќе се отворат на 14 септември.
Иако почетокот на учебната година беше најавен за следниот понеделник, не е исклучена можноста учениците во училишните клупи да се вратат една седмица подоцна.
Министерката за образование на Грција Ники Керамеос попладнево ќе одржи прес конференција, на која и официјално ќе соопшти кога ќе започне учебната година.