Министерката за образование и наука Мила Царовска и министерот за здравство Венко Филипче денескa на прес-конференција ги соопштија одлуките кои беа донесени на првата седница на новата Влада, а се однесуваат на започнувањето на учебната 2020/2021 година во услови на пандемија.
Министерката Царовска рече дека е убедена дека и покрај пандемијата, со посветена работа и заеднички напори, ќе имаме успешна учебна година којашто ќе почне на први октомври.
„Планот на Министерството за образование и наука (МОН) за започнување на учебната година се базира на потребата да се добијат максимални придобивки за учениците, наставниците и вработените во училиштата и пошироката заедница, а воедно да не дојде до ширење на КОВИД-19 во нашата држава, имајќи предвид дека едно од основните човекови права покрај образованието е и правото на здравје”, укажа Царовска.
Министерката објасни дека комбинираниот модел на настава дава можност во училиштата каде не се исполнети условите предвидени со Протоколите за физичко присуство на учениците, да се реализира учење на далечина, за што забрзано се работи на единствена национална онлајн платформа.
Министерката Царовска, нагласи дека во сите училишта кои ќе обезбедат услови за безбедно физичко присуство на учениците наставата ќе може да почне во објектите. „За таа цел, Владата формираше Комисија која ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење дали одредено училиште ги исполнува условите”, појасни Царовска.
Децата од прво до трето одделение ќе ја следат наставата со физичко присуство во просториите во училиштето, но дадено е право на избор за следење на наставата на далечина, со писмено изјаснување на родителите.
Министерката рече дека во паралелките во кои има ученици кои следат настава со учење на далечина, наставникот може додека го држи часот да ги вклучи и учениците кои следат настава од далечина, да го сними наставен час и да го испрати на учениците кои следат настава од далечина, да изготви печатени материјали за родителите но исто така може да одржи час и само за учениците кои следат настава од далечина.
Министерката рече дека во паралелките во кои има ученици кои следат настава со учење на далечина, наставникот може додека го држи часот да ги вклучи и учениците кои следат настава од далечина, да го сними наставен час и да го испрати на учениците кои следат настава од далечина, да изготви печатени материјали за родителите но исто така може да одржи час и само за учениците кои следат настава од далечина.
Наставниот час во основните училишта ќе трае 30 минути а во средните училишта 35 минути. Оваа учебна година, водејќи сметка за квалитетот на образовниот процес кој ќе се одвива на далечина, министерката Царовска посочи дека е предвидено проверката на знаењата на учениците да се врши со физичко присуство на учениците во училиштето.
„Со цел обезбедување на инклузивно образование и во услови на КОВИД-19 овозможено е учениците со попреченост во паралелките од прво до трето одделение да бидат вклучени во наставата во училиштата и да им се обезбеди поддршка од страна на наставниците и стручните соработници, Сепак, родителите/старателите на учениците со попреченост, имаат право да одлучат дали нивните деца ќе следат настава со физичко присуство во училиште или ќе следат настава со учење од далечина – од дома”, рече Царовска.
Наставата за учениците од средно образование се реализира со учење на далечина и со физичко присуство во оние училишта кои ги исполнуваат условите согласно протоколите. Царовска ги повика oпштините заедно со директорите на училиштата кои сметаат дека ги исполнуваат условите за настава со физичко присуство тоа да го сторат најдоцна до 10 септември и образложенијата да ги достават до Комисијата која ќе ги разгледа нивните барања и ќе оцени дали ги исполнуваат условите.
Министерот за здравство Филипче, се осврна на епидемиолошката состојба која ја оцени како стабилна и ги презентираше протоколите за следење на настава во основно и средно образование со физичко присуство.
Филипче истакна дека препораката која ја даде Комисијата е во контекст на максимална претпазливост и превенција од понатамошно ширење на епидемијата од КОВИД-19.
Филипче истакна дека препораката која ја даде Комисијата е во контекст на максимална претпазливост и превенција од понатамошно ширење на епидемијата од КОВИД-19.
„Протоколите за основните и средните училишта се речиси идентични, а овие протоколи практично, детално го регулираат престојот и процесот на наставата, влез/излез и движење во училиштето. И во основните и во средните училишта, наставниот процес се одвива во период од 07:00 часот до 20:00 часот. За влез и излез на учениците, училиштето ги става во функција сите влезови во училишната зграда и изготвува распоред за влез/излез со различно време на влегување и излегување на учениците за секое одделение кое го истакнува на видни места во училиштето. На влезот од училиштето, во ходниците и училниците се поставуваат едукативно-информативни материјали, насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето и средства за дезинфекција на рацете. Училиштата задолжително поставуваат ознаки со кои се означува правец на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците пред и внатре во училиштето”, потенцираше министерот Филипче.
На вработените им се мери телесна температура пред влезот на училиштето со безконтактен топломер и во случај на зголемена температура (над 37°) вработениот се упатува кај матичен лекар.
Министерот Филипче, појасни дека се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците.
За време на наставата и одморите, со учениците задолжително е присутен класниот раководител/наставник и се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу учениците. Наставата во училница се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри.Министерот Филипче потенцираше дека доколку во училиштето се појави заболен од КОВИД-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од КОВИД-19, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до Министерството за образование и наука.
„Ако ученик развие симптоми на КОВИД-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот. Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД – 19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале”, истакна Филипче.