Арсенал за еден месец ги чека навивачите на стадионот

Освојувачот на ФА купот, Арсенал ги извести навивачите дека може да бидат примени на стадионот „Емирати” на натпреварот од англиската фудбалска Премиер лигата против Шефилд Јунајтед на 3 октомври.

На приврзаниците не им е дозволено да присуствуваат на трибините заради пандемијата на коронавирус, што влијаеше на сезоната 2019-20 од март до крајот на јули. Новата кампања започнува на 12 септември и сите натпревари ќе се играат зад затворени врати се додека владата не го промени ова. Оваа информација е малку изненадувачка и не е официјално потврдена од ФА или некој од другите клубови во Премиер лигата, но враќањето на навивачите на стадионот очигледно е се поблизу.

– Врз основа на моменталните насоки од владата на Велика Британија, се надеваме дека ќе ги пречекаме поддржувачите на стадионот „Емирати” со намален капацитет за домашниот дуел на 3 октомври против Шефилд Јунајтед. Капацитетот на објектот првично ќе биде значително намален поради правилата воведени од властите, директивите од Премиер лигата и нашата одговорност да спроведеме соодветни мерки за социјално дистанцирање за да обезбедиме нашите навивачи да се вратат што е можно побезбедно, се вели во соопштението на управата на Арсенал.

Клубот соопшти дека само носителите на премиум сезонски билети ќе можат да купуваат билети за ова време.

Спортските гледачи полека се враќаат во Велика Британија. Навивачите беа примени во финалето на Светскиот шампионат во снукер на 17 август, заедно со избрани натпревари во крикет.

Пред-сезонскиот пријателски натпревар помеѓу Челси и Брајтон минатата сабота го следеа 2.500 навивачи на стадионот „Амекс”.

Треба да знаете
Последни објави