Дури 59 отсто од Французите го поддржуваат објавувањето на карикатурите  на Мухамед во „Шарли Ебдо”

Педесет и девет отсто од Французите го поддржуваат објавувањето на карикатурите  на Мухамед, додека 18 отсто од анкетираните муслимани во Франција не ги осудуваат атентатите од 2015 година, покажува истражувањето на институтот ИФОП, јави дописникот на МИА.

Испитувањето е објавено истиот ден кога почна судењето за терористичките напади во јануари 2015 година во ова сатирично списание. Мнозинството од Французите, дури 59 отсто го поддржуваат објавувањето на карикатурите на пророкот Мухамед во 2006 година, покажа истражувањето на Францускиот институт за јавно мислење (ИФОП) за Сатиричниот неделник „Шарли Ебдо”. 

Објавувањето на 12 карикатури со Мухамед во 2006 година, пред оваа трагедија, веќе предизвика силни реакции против сатиричниот весник. Две третини од француското население велат дека не ја разбираат огорченоста што овие карикатури можат да ја предизвикаат кај муслиманите.

Од друга страна, 69 отсто од анкетираните француски муслимани веруваат дека новинарите „погрешиле” што ги објавија овие карикатури, „затоа што тоа претставуваше непотребна провокација”. Притоа, 73 отсто од анкетираните муслимани велат дека ја разбираат огорченоста предизвикана од овие публикации, наспроти 29 отсто од Французите како целина.

Само осум отсто од Французите, а кај муслиманите 18 отсто не го осудуваат нападот на Шарли Ебдо. Според 29 отсто од анкетираните муслимани, Исламот е некомпатибилен со вредностите на француското општество.

Покрај тоа, 40 отсто од муслиманите ги ставаат своите верски убедувања пред „вредностите на Републиката”. Кај младите муслимани под 25 години, процентот е 74 отсто. За сите Французи, оваа бројка е 17 отсто.

На крај, 61 отсто од испитаните муслимани се согласуваат со изјавата „Исламот е единствената вистинска религија”, а 29 отсто од нив ја одобруваат реченицата „Исламот е некомпатибилен со вредностите на француското општество” .

Ова истражување е спроведено на репрезентативен примерок од 1.020 лица, претставници на целото население кое живее во континентална Франција на возраст од 15 години и повеќе, но исто така и на примерок од 515 лица, претставници на муслиманското население, кои живеат во континентална Франција на возраст од 15 години и повеќе, се подвлекува од ИФОП.

Треба да знаете
Последни објави