Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со Амбасадорот на Руската Федерација во РСМ, Н.Е. Сергеј Баздникин, претставници од Советот на Општина Центар, Амбасадата на Н.Р. Кина во РСМ и Амбасадата на Босна и Херцеговина и останати гости и граѓани положија цвеќе пред споменикот на Денот на победата над фашизмот.
Со полагањето на цвеќе Богдановиќ и Баздникин симболично ја одбележаа јубилејната 75-годишнина од потпишувањето на капитулацијата на Јапонија и со тоа, завршувањето на Втората светска војна.
На 2-ри септември, 1945-та година, формално потпишаната капитулација, на бродот УСС Мисури, претставниците на Јапонија им ја предадоа на претставниците на сојузничките сили. Со овој чин и официјално се стави крај на едно од најтемните поглавја во поновата светска историја.
„Денес, се наоѓаме пред споменикот, подигнат годинава по повод Денот на победата над фашизмот, за уште еднаш да оддадеме почит на нашите претци, кои несебично и пожртвувано ги положија своите животи за светот повторно да живее во мир и единство. Заедно да продолжиме по патот на единството и напредокот. Со гордост да се сеќаваме на нашите ослободители и секојдневно да им бидеме благодарни за сите извојувани битки, затоа што слободата не ни е дадена на подарок – за слободата треба да се избориме“, рече градоначалникот Богдановиќ.
Амбасадорот Баздникин во своето обраќање се осврна на улогата на Русија во Втората светска војна, како дел од големата четворка на земји кои ја имале клучната и најодговорната улога во враќањето на мирот и добросостојбата во светот.
Со пораки за мир, соработка и партнерство, градоначалникот Богдановиќ и амбасадорот Баздникин им оддадоа почит на жртвите кои ги загубиле своите животи во конфликтот и заеднички испратија пораки за пријателство и взаемен напредок на целиот свет.