Првиот вицепремиер во владата, Артан Груби, кој од вчера е во придружба на Али Ахмети во Приштина каде овие два дена му се врши распит како сведок од страна на Специјалното обвинителство за воени злосторства на Косово, таму бил во својство на шеф на кабинет на сведокот и како секретар на ДУИ.
„Груби во Приштина не е во својство на вицепремиер“ е одговорот до САКАМДАКАЖАМ.МК упатени до кабинетот на премиерот Зоран Заев, кој му е претпоставен на Груби во Владата.
-Првиот вицепремиер Груби во текот на вчерашниот и денешниот ден ги извршуваше сите свои задачи во рамки на владината функција и во Министерството со кое раководи. Првиот вицепремиер беше присутен на своето работно место во вчерашниот ден, а учествуваше и на денешната втора седница на Владата на Република Северна Македонија на која од страна на премиерот му беше врачено мандатно писмо со утврдени мисија и задачи. Активностите коишто Груби ги извршува како шеф на кабинет на претседателот на ДУИ и организациски секретар на ДУИ се целосно одвоени од владините активности, одговориле од Владата на прашањето дали Груби го регулирал отсуството од работа или можеби зел слободни денови.