Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, која му го честиташе вториот мандат и изборот на новата Влада посакувајќи му успешна работа.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев во разговорот со амбасадорката, истакнал дека се важни остварените резултати од првиот мандат во насока на зајакнување на демократијата и подобрување на политичките слободи подвлекувајќи дека во наредниот четиригодишен мандат Владата останува посветена на стратешките цели, меѓу кои важно место зазема заложбата за исполнување на обврските од членството во НАТО и забрзување на процесот на интеграција во Европската Унија.
На средбата било констатирано дека Британија и Северна Македонија се силно посветени на зајакнување на билатералната соработка на економски план и зголемување на трговската размена.
Премиерот Заев и амбасадорката Галовеј разговарале и за програмите и мерките кои помагаат за совладување на здравствено-економската криза од КОВИД – 19 и нивна најдобра примена за заштита на економијата и животниот стандард на граѓаните, со цел продолжување на позитивните реформи во нашата земја во областите на одбраната, владеењето на правото и доброто управување, се наведува во соопштението од владината прес-служба.