Лукашенко го смени шефот на Службата за државна безбедност

Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска го смени шефот на Службата за државна безбедност (КГБ), на денот кога во Минск го прими рускиот премиер Михаил Мишустин.

Лукашенко, кој е на власт во Белорусија од 1994 година, исто така, го смени и  секретарот на белорускиот Совет за безбедност и шефот на Државниот комитет за контрола, се наведува во соопштението од белоруското претседателство.

Овие вести беа лиферувани во текот на посетата на рускиот премиер Михаил Мишустин, највисокиот руски функционер кој ја посети Белорусија од почетокот на политичката криза во оваа поранешна советска република, предизвикана од оспорените резултати од претседателските избори на 9 август.

Со недели наназад десетици илјади Белоруси протестираат против реизборот на  Лукашенко, кој според опозицијата е резултат на изборна измама.

Претседателот, кој одбива да разговара со оние што го критикуваат, има поддршка од Москва, неговиот главен сојузник и економски партнер, и покрај силните тензии меѓу двете земји во последните неколку години. Кремљ бара подлабока економска и политичка интеграција со Белорусија, на што Лукашенко досега се спротивставуваше, обвинувајќи ја Русија дека сака да ја потчини неговата земја.

Но, денеска тој јасно го ублажи овој свој став и изјави дека Москва и Минск ја научиле лекцијата од белоруските протести.

-Ние сме две братски републики, Русија и Белорусија, и се согласивме за прашањата што претходно останаа отворени, изјави задоволно Лукашенко во текот на состанокот со Мишустин.

Белорускиот претседател следната недела ќе оди за Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Треба да знаете
Последни објави