Еден од најталентираните македонски кошаркари Лука Савичевиќ, е нов член на екипата на МЗТ Скопје Аеродром.
– Со неговото доаѓање ја потврдуваме заложбата за ангажирање на сѐ што во перспектива е квалитетно и вредно во макбаскетот, со цел тие да бидат светла иднина не само на нашиот клуб туку и на кошаркарскиот спорт во државата, велат од МЗТ Скопје.
Станува збор за 18-годишен играч висок 190 сантиметри, кој изминативе две ипол години настапуваше во Шпанија. Тој во февруари годинава се најде на поширокиот список на селекторот на сениорската репрезентација, Александар Тодоров, како уште еден доказ за неговиот квалитет и огромна перспектива.
Савичевиќ следната сезона ќе настапува во Првата лига и тоа во дресот на МЗТ Скопје Уни Банка, каде што ќе работи со новиот тренер Борче Даскаловски, кој од него очекува да се наметне како еден од лидерите на овој млад и екстра талентиран состав.
– Прволигашкото искуство сигурно ќе биде од исклучително значење за него, уште повеќе што ќе игра претежно со врсници со кои веќе има настапувано во националните селекции, стои во соопштението на „сино-белите” од Аеродром.