Пецас: Во рацете на Анкара е да одбере или практична деескалација или санкции

Во рацете на Анкара е да одбере или практична деескалација или санкции, порача портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите и повтори дека Грција е подготвена за дијалог, но не „дијалог под закани, обиди за уцени и провокации”, јави дописничката на МИА од Атина.

-Турција, кога со нелегалниот турско -либиски меморандум, кога со нелегалните активности во Источниот медитеран, кога со последователните нелегални Навтекс, кога со провокативната реторика, работи како бељаџија и фактор на нестабилност во нашиот поширок регион. До оваа констатација стигнуваат и сите важни меѓународни фактори во Европа и во Америка, рече Пецас и додаде дека европските партнери веќе подготвиле листа со санкции, кои би се активирале доколку Анкара не покаже практична деескалација.

Портпаролот на грчката Влада истакна дека позицијата на Грција е јасна и се базира исклучиво на меѓународното и морското право и се стреми кон договори за одредување на морските зони со сите соседи, вклучувајќи ја и Турција.

Пецас рече дека очекуваат од соседната земја да ја напушти „безизлезната провокација” и да седне на маса да разговара со цел да се постигне взаемно прифатлив договор за единствената билатерална разлика што се однесува на одредување на морските зони.

Треба да знаете
Последни објави