Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска оствари средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар и тимот од делегацијата на Европска унија во Република Северна Македонија.
На првата официјална средба се разговарало за поддршката што ЕУ и ја даде на земјава во изминатиот период во услови на пандемија со Ковид 19, преку неколку инструменти кои Унијата ги стави на располагање.
Станува збор за Инструментот на ЕУ за социјална и економска отпорност во износ од 50 милиони евра, за кои се очекува до крај на септември да биде потпишана и финансиската спогодба со што средствата ќе бидат ставени на располагање веднаш по потпишувањето. 40 милиони евра ќе бидат директно насочени кон поддршка на приватниот сектор преку Развојната банка во форма на безкаматна кредитна линија како и грант средства за поддршка на вработување на млади лица преку Агенцијата за вработување. Дел од овие средства во износ од 10 милиони евра ќе бидат насочени кон поддршка на здравствениот сектор и поддршка во процесот на приближување на земјата кон европските стандарди.
Двајцата соговорници, како што инфрмира прес-службата на Министерството за финансии, разговарале и за макрофинансиската поддршка од ЕУ во износ од 160 милиони евра за која земјава веќе ги има склучено потребните договори и испратено барање за повлекување на првата транша во износ од 80 милиони евра која се очекува да пристигне до крајот на месецов.
Министерот Бесими изразил задоволство од досегашната соработка која Министерството за финансии ја има со Делегацијата на ЕУ во Скопје особено за поддршката во имплементацијата на Програмата за управување со јавните финансии за која ЕУ има одвоено 18,6 милиони евра и истата е во фаза на имплементација. Воедно станало збор и за тековните проекти кои со помош на ЕУ се имплементираат во рамки на Министерството во насока на зајакнување на функциите за буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола и подобрување на наплатата на приходи и на даночната и царинска политика.
Евроамбасадорот Жбогар ја потенцирал улогата на Министерството за финансии како клучна алка во системот за спроведување на ИПА проекти и посочил дека во иднина треба да се работи на дополнително јакнење на капацитетите во насока на поголема апсорпција на средствата од ИПА инструментот.
На средбата и двете страни ја потврдиле јасната заложба на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија.