Интегрален текст од изјава на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
„Срамно е да се прави театар од почитување на закони. Да се радува општеството за случај каде се спроведува закон говори за степенот на криминализираност на државата и власта.
Главното прашање е како никнала дивоградбата и како државата, власта му ги легализирале дивоградбите.
Доколку власта сака да докаже дека рушењето кај Мавровка не е евтин крими театар платен со државен буџет, тогаш очекуваме ист третман и со другите познати дивоградби за кои се врзуваат звучни имиња од старо-новата власт.
Според информациите објектот зад мене е дивоградба која што со години функционира, а за фактот дека е бесправно изграден објект познато е дека знаат и Зоран Заев и Али Ахмети, а знаат и во Јавното Обвинителството!
Доколку СДСМ и ДУИ се согласиле на ваков начин, со евтин театар, справување со дивоградбите, централната власт бесплатно да руши бесправни објекти, тогаш очекуваме коалицијата СДСМ и ДУИ на ист начин да го истретираат и овој објект, за кој што стои висок функционер на ДУИ.
Исто така очекуваме ЈО конечно да поведе постапка и за инвеститорот на овој диво изграден објект.
Јавноста по овој крими-театар мора да добие одговор како и кога е откриен идентитетот на сопственикот на дивоградбата кај „Мавровка“? Кога ЈО дознало и зошто се чекало толку време? Дали Зоран Заев е вмешан во ова и дали поради откажување на послушност од страна на сопственикот на објектот, Заев го откри сторителот и го дозволи рушењето на објектот?
Очекуваме во најскоро време коалицијата СДСМ и ДУИ на ист начин да постапи и со другите дивоградби, пред се, со објектот зад мене, а потоа и со околу 80-те дивоградби на Попова Шапка, за што локалната власт во Тетово не реагира.
Очекуваме ист третман да добијат и дивоградбите во Охрид заради што и меѓународно е загрозен статусот на градот, пред се, заради градбите кај обележјето на градот-стариот Чинар, но и објектите на крајбрежјето, објектите на Нефи, советникот во охридската локална власт.
Очекуваме на ист начин да бидат третирани и дивоградбите на Матка крај Скопје, како и со сите други бесправни објекти во заштитените појаси во Македонија.
Доколку не го направи ова, крими-тендерашката власт на Зоран Заев и СДСМ само ќе потврди дека сето ова со случајот со дивоградбата кај Мавровка е евтин крими-театар кој што се плаќа со пари од државниот буџетот.