Научните истражувачи може да аплицираат за доделување средства за студиски престои во странство, за учество на меѓународни научни собири и за финансирање материјални трошоци и услуги за печатење зборници на трудови од одржани научни собири за 2020 година.
Трите конкурси за финансиска поддршка ги објави Министерството за образование и наука и за сите рокот за аплицирање е до 27 ноември 2020.
Право да аплицираат на конкурсите имаат субјектите кои вршат научно-истражувачка дејност: државните и приватните универзитети (научни институти и факултети), МАНУ, самостојни државни и самостојни приватни високообразовни установи, јавни, приватни и мешовити научни установи и самостојни истражувачи (регистрирани во Регистарот на субјекти за вршење научно-истражувачка дејност при Министерството за образование и наука).
Пред да ја поднесат пријавата, домашните научни истражувачи треба да се регистрирани во националниот E-CRIS.МК информациски систем за истражувачка дејност во Република Северна Македонија со активен и ажуриран профил.
Средствата што ќе им бидат доделени се пресметуваат согласно со расположивите финансии на МОН за тековната година и во зависност од износот за патните трошоци (за студиски престои во странство), патните трошоци и висината на котизацијата (за учество на меѓународни научни собири) и зависно од бројот на учесниците на научниот собир (за печатење зборници на трудови од научни собири).
Во конкурсите се наведени критериумите, документите што треба да се достават и може да се преземат пријавите за аплицирање.