ЕУ сака да го забрза процесот на независност од трети земји за сурови материи

Европската Комисија презентираше денеска нов акциски план за состојбата со суровите материи во ЕУ и нивната набавка, овој пат во услови на криза и волја за поголема независност кон трети земји, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Кризата со Ковид-19 покажа дека за Европската Унија станува итно да ја намали својата зависност од другите континенти за производство и набавка на сурови материи, посебно ако сака да ги оствари своите амбиции да стане првиот зелен континент и првиот континент на циркуларна економија, истакнаа утрово еврокомесарите Марош Шефчович и Тиери Бретон на прес конференцијата посветена на новиот акциски план за сурови материјали.

Во овој контекст денеска литиумот е додаден на списокот на критични сурови материи имајќи предвид дека во наредните децении потребите за литиум ќе бидат 60 пати поголеми, а за сега најголем дел од овие потреби се покриени преку увоз од трети земји, и покрај тоа што континентот поседува литиум, рече потпретседателот на Европската Комисија, Марош Шефчович.

-Списокот на критични материи го обновуваме секои три години, но оваа година е посебна бидејќи се наоѓаме во криза која обелодени забрзување на веќе антиципирани тенденции. Ова е транзиција без преседан со економски и социјални реперкусии, и се заснова на три столба – зелената транзиција, дигиталната транзиција и отпорноста, ние не сме повеќе наивна Европа, многу сме свесни за предизвиците и сме во позиција да преговараме како еднакви партнери со големите во светот, рече еврокомесарот за индустрија, Тиери Бретон, нагласувајќи дека зелената и дигиталната транзиција ќе бараат огромен број критични сурови материи за електронски потреби, батерии, магнети итн.

Европа, меѓутоа, иако сака да ја засили својата отпорност и самостојност во однос на екстракцијата на сировите материи ќе мора да ги запази високите еколошки стандарди кои треба од континентот да направат прв зелен континент во светот, според декларираните амбиции на земјите членки и на Европската Комисија. Па така, акцискиот план предвидува да отвори платформа за дискусија за сите чинители, од индустријата до невладините организации преку синдикатите.

Бретон се заложи за целосно почитување на стандардите за животна средина во овој процес и цели кон речиси целосна автономија за литиумот до 2025.

Што се однесува до други критични материи, ЕУ сака да ја зголеми исто така својата независност, и иако е свесна дека нема да може тоа да го стори целосно, ќе инсистира на „високи еколошки стандарди” од страна на нејзините трговски партнери, додадоа комесарите.

Помеѓу 75 и 100 отсто од металите во ЕУ се увезуваат, а од Кина се увезуваат 98 отсто од најретките материи. За ЕУ е јасно дека во иднина побарувачката за сурови материи драстично ќе расте, додека во овој момент континентот е силно зависен од трети земји во кои не се почитуваат ниту еколошките, ниту социјалните, ниту демократските стандарди, нагласи Шефчович.

Тој додаде дека Европа не смее да си дозволи во иднина зависноста од фосилни енергии да ја замени со зависност од сурови матери.

Треба да знаете
Последни објави