До Министерството за економија пристигнати се 777 апликации од компании кои инвестирале во време на Ковид-19, но и од оние кои ќе инвестираат во 2021 година. Веќе е формирана комисија која треба да ги разгледа апликациите и очекуваме во првата недела на октомври да се исплати финансиската поддршка на сите компании кои ги исполнуваат условите за добивање помош.
Ова го истакна министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со претседателот Неби Хоџа и тимот на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) на која, како што рече, разговарале за динамиката на реализација на економските мерки.
Тој истакна дека во претходните три години имал одлична, отворена и транспарентна соработка не само со оваа, туку и со другите комори во земјава.
-За да се продлабочи соработката со СКСЗМ денеска им понудив да назначат нивен човек кој е во тек со работите на комората и да стане мој посебен советник. Со тоа сакаме да покажеме дека директно и на дневна база ќе бидат информирани и членовите на комората за сите политики кои се во фаза на креирање и за сите мерки и програми што се реализираат од страна на Министерството за економија, но и од Влада во целина, рече Бектеши по средбата и нагласи дека побарал од СКСЗМ да се вклучат што повеќе во креирањето на четвртиот сет на екномски мерки што во мементов ги креира економскиот тим на Владата.
Нагласи дека СКСЗМ може да предложи и свои мерки врз основа на барањата на нејзините членки.
Претседателот на СКСЗМ Хоџа по средбата со министерот Бектеши, меѓу другото, рече дека разговарале за закрепнување на економскиот развој во нашата држава како и за итноста од одржување на работната сила да остане во земјава.
– За нашата соработка меѓу Комората и Министерството за економија одредивме или ќе одредиме човек кој ќе биде во нивниот кабинет кој ќе биде линк меѓу Комората и Министерството за да имаме онлајн комуникација да ги трансмитираме сите наши барања, но и креирањето на политиките на Министерството да бидат пренесени во нашите органи за да можеме навремено да интервенираме пред да бидат донесени како законско решение, истакна Хоџа.
Тој додаде дека на министерот Бектеши му ги посочил приоритетите за кои Комората смета дека се неопходни да се реализираат, а тоа се реформите во институциите, мерките за закрепнуање во економијата, економскиот стабилен сектор кој треба да се поттикне да ја зајакне и оддржи економијата жива и економските мерките во борбата против Ковид 19.