Албанската дијаспора бара право на глас на следните парламентарни избори

Албанската дијаспора побара да и се обезбеди учество на претстојните парламентарни избори.

Движењето „Дијаспора за слободна Албанија” упати официјално барање до претседателот Илир Мета, премиерот Еди Рама, спикерот Грамоз Ручи, министерот за дијаспора Пандели Мајко и до Централната изборна комисија (ЦИК) да овозможат своето право на глас иселениците да го остварат во земјите каде што живеат.

-Освен правото на глас бараме директно претставување на дијаспората во следниот парламент, да бидеме вклучени во процесот на консултации на ЦИК со целните групи и да бидеме мониторинг дел од процесот на регистрација, гласање и пребројување на гласовите, стои во дописот на Движењето.

Се потсетува дека и претходно имало барање за тоа, но оти за жал тоа не е опфатено во новиот изборен законик, со што како што се наведува, правото на глас не ќе може да го остварат 1,6 милиони албански граѓани кои живеат надвор од границите на матичната земја.

-Сакаме да ставиме до знаење дека дијаспората нема да прифати никакво алиби во однос на времето достапно за изготвување и одобрување на модалитетите за гласање во дијаспората.Тоа беше ветување пред и по изборната кампања  и во досегашниот период албанската политика имаше доволно време да го направи реалност гласањето на дијаспората на изборите во 2021 година,се додава во барањето.

Заради запознавање истото е испратено до Народниот правобранител, амбасадорката на САД, Јури Ким, евроамбасадорот Луиџи Сореца, до мисијата на ОБСЕ, како и до лидерите на опозициските партии, Демократската и Движењето за социјалистичка интеграција.

Треба да знаете
Последни објави