Недолго по потпишувањето на договорот меѓу Косово и Србија во Белата куќа во Вашингтон, независноста на косовската држава ќе ја признае Израел, јави специјалниот известувач на приштинскиот портал „Газета експрес” од преговорите во главниот град на Соединетите Американски Држави.
Според порталот, како што јави дописникот на МИА од Приштина, израелскиот премиер Бењамин Нетанјаху ќе ја објави веста за признавањето на Косово откако, нешто околу пладне според американско време, во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп, се потпиша договор за стабилизација на економските односи меѓу Косово и Србија.
Директорот на приштинскиот медиум, новинарот Берат Бужаља кој известува од преговорите во Вашингтон, повикувајќи се на извори блиски до премиерот на Косово Авдулах Хоти, јави дека „Израел, како сојузник на САД, го прифати барањето на претседателот Трамп да го признае Косово”.
– Ова се смета како „подарок” од Белата куќа за Косово по прифаќањето на договорот со Србија. По средбата со претседателот Трамп, премиерот Хоти ќе биде контактиран по телефон од страна на израелскиот премиер Нетанјаху, кој ќе го извести за признавањето, јави „Газета експрес”.
Косовскиот премиер Хоти и претседателот на Србија Александар Вучиќ потпишаа денеска во Вашингтон договор, чија содржина се уште не објавена, но, според најавите, се работи за документ со кој значително ќе се унапредат економските односи меѓу двете земји.
Специјалниот претставник на претседателот Трамп во преговорите меѓу Приштина и Белград, амбасадорот Ричард Гренел, кој ја организираше средбата, најави дека се работи за мошне значаен чекор во правец на конечно нормализирање на односите меѓу двете земји.