Лига на Нации: БиХ освои бод во Фиренца и ја прекинаа низата од 11 победи на Италија

Серијата од 11 победи во низа на Италија е прекината, БиХ се избори за реми на гостувањето во Фиренца, Холандија и без Роналд Куман на клупата славеше со 1-0 над Полска.

„Аѕурите“ не ја оправдаа фаворитската улога со Босна на отварањето на новиот циклус во Лигата на нации. Избраниците на Роберто Манчини имаа 11 победи во серија, но низата е прекината, гостите се изборија за 1-1 во Фиренца.

Џеко во 57. минута донесе изненадувачко водство, напаѓачот на Рома најдобро се снајде по еден корнер и го матираше Донарума за 0-1.

Десет минути подоцна, Сенси изедначи на 1-1, фудбалерот на Интер биеше од врвот на шеснаесетникот, топката закачи еден дефанзивец на БиХ и го изненади голманот.

Во Амстердам, Холандија и без Роналд Куман стигна до победа на отварањето и со 1-0 ја совлада Полска. По една одлична акција во 61. минута, Хатебор врати топка на пет метри каде осамениот Бергвајн рутински ја затресе празната мрежa.

Во Лига Б и Ц, домаќините немаа свој ден и не забележаа ниту една победа. Норвешга загуби од Австрија со 1-2, а Словачка од Чешка со 1-3. Романија одигра 1-1 против Северна Ирска а истиот резултат гласеше и на дуелот помеѓу Шкотска и Израел.

Казахстан со 0-2 триумфираше на гостувањето кај Литванија, а истиот резултат беше и на дуелот помеѓу Белорусија и Албанија.

Треба да знаете
Последни објави