Повеќе од 100 членови на црногорската академска заедница ги поддржаа трите победнички коалиции и, како што наведуваат во заедничкото соопштение, процесот на радикална демократизација и целокупното закрепнување на црногорското општество, со очекување дека тие ќе бидат експедитивни и ефикасни во формирањето експертска влада.
„Од протагонистите на новото политичко мнозинство очекуваме да бидат брзи и ефикасни во конституирањето на експертската влада, составена од луѓе со највисок морален и професионален интегритет”, се вели во соопштението.
Тие истакнуваат, меѓудругото во соопштението, дека се охрабрени од најавите на главните политички актери од победничките коалиции дека законите за потекло на имотот и лустрацијата ќе бидат донесени во најбрз можен рок, што ќе овозможи целосна промена на менталитетот на политичка неодговорност, корупција, непотизам и ароганција, утврдени за време на трауматското тридецениско владеење на ДПС, пренесе подгоричкиот весник „Вијести”
Потписниците наведуваат дека победата на трите коалициски групи во секоја смисла е несомнена и беспрекорна, иако, како што велат, предизборниот политички натпревар се одвивал – во нееднакви услови и во нездрава политичка атмосфера, за што поранешната влада носи целосна одговорност, која со години генерирала таква состојба, обидувајќи се да ја претвори во менталитет и модус вивенди.