Средба на претседателот Пендаровски со украинската амбасадорка Задорожњук

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими амбасадорката на Украина, Наталија Задорожњук.На средбата се разговараше за актуелните случувања во двете држави, во контекст на состојбата со пандемијата на КОВИД-19, како и за мерките што се преземаат за надминување на последиците на здравствен, економски и на социјален план.

Двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, како и за потенцијалите за нивно унапредување. Политичките односи меѓу двете земји, беше оценето на средбата, ги карактеризира дух на пријателство, доверба, како и соработка во повеќе области од заемен интерес.

Претседателот Пендаровски го истакна интересот за унапредување на севкупната соработка меѓу двете држави, особено на економски план имајќи го  предвид потенцијалот што договорот за слободна трговија меѓу двете држави го нуди.

На средбата амбасадорката Задорожњук на претседателот Пендаровски му ја предаде и честитката од украинскиот претседател Володимир Зеленскиј по повод 8 Септември, Денот на независноста, којашто ја проследуваме во прилог:

„Ваша Екселенцијо!

Примете ги моите искрени честитки во име на народот на Украина и од мое лично име по повод Денот на независноста на Република Северна Македонија.

Ги ценам традиционално пријателските односи меѓу нашите држави и сум благодарен за поддршката на Северна Македонија на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Убеден сум дека заедничките приоритети на европската и евроатлантската интеграција се солидна основа за ефективно реализирање на постојниот потенцијал на нашата билатерална соработка.

Користејќи ја оваа пријатна прилика, Ви посакувам, Ваша Екселенцијо, добро здравје и успеси во одговорните државни активности, а на пријателскиот народ на Северна Македонија – мир и хармонија.”

 

Треба да знаете
Последни објави