Тренерот на Загреб, Игор Вори по поразот на неговата екипа по пенали од Вардар во полуфиналето од СЕХА лигата рече дека не може да поверува на кој начин неговата екипа беше елиминирана. Загреб до 50 минута имаше водство од шест голови.
-Сè што кажав на прес-конференцијата пред натпреварот за Вардар се исполни. Ние 50 минути навистина имавме одлична игра и сè функционираше, а потоа како да отстапивме од теренот. Добро реагиравме кога тие истрчаа со седум играчи, ама во нападот не одеше, бевме многу статични и не можевме да го најдеме голот. Честитки до Вардар, ама неверојатно е на ваков натпревар каде имавме целосна контрола да загубиме, изјави Вори.
Најдобар поединец во редовите на хрватскиот тим без сомнение беше Давид Мандиќ, кој имаше осум голови од исто толку удари, но тој смета дека неговиот индивидуален учинок никако не вреди по поразот.
Утешна награда за ППД Загреб ќе биде средбата против Мешков Брест за третото место во регионалната лига, додека Вардар го чека пеколно тежок испит против Веспрем.