Екипите на Град Скопје од денеска ја реконструираат улицата Лазар Личеноски, на потегот од СРЦ „Кале“ до крстосницата со булеварот Никола Карев, што претставува втора фаза од обновата на оваа значајна сообраќајница. На оваа делница ќе се изврши целосна реконструкција на коловозот во должина од 1.300 метри, реконструкција и проширување на постојните тротоари, како и замена на оштетените рабници.
-Откако минатата година ја завршивме првата фаза од обновата на оваа улица, од булеварот Гоце Делчев до СРЦ „Кале“, со завршувањето на оваа фаза од реконструкцијата може да кажеме дека целосно е обновена една од двете улици кои околу скопското Кале ги поврзуваат булеварите Гоце Делчев и Никола Карев како едни од најфреквентните во градот. Градежната офанзива за изградба и реконструкција на скопските улици е во полн ек. Само за две недели почнавме реконструкција на 6 постојни и изградба на една нова улица, во неколку општини на територијата на Скопје. Затоа, однапред замолувам за разбирање за сообраќајниот метеж кој се создава како последица на неколкуте активни привремени режими на сообраќај што се воведени заради градежните активности – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
За реализација на проектот за обнова на улицата Лазар Личеноски – втора фаза ќе се одвојат околу 17,4 милиони денари со вклучен ДДВ, а реконструкцијата треба да биде завршена во рок од 45 дена.
Шилегов додаде дека реконструкциите на градските сообраќајници ќе бидат завршени во рекордно кратки рокови.
На почетокот на градежните работи на втората фаза од реконструкцијата на улицата Лазар Личеноски присуствуваше и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.