Фудбалската репрезентација на Македонија ја оствари целта и со победа над Ерменија ја отвори новата сезона во Лигата на нациите (2-1), со што во позитивна атмосфера ќе патува за Грузија каде ја игра втората средба во септемврискиот циклус од натпреварувањето на УЕФА.
Иако без капитенот Горан Пандев во стартниот тим, нашата најдобра селекција се справи со противникот кој беше стар должник. Ерменија беше безопасна во Скопје, а прашањето околу победникот го решија два пенали.
Одличен беше Ељиф Елмас кој изнуди две најстроги казни, а реализатори беа Езџан Алиоски и Илија Несторовски, за победнички старт на „рисовите“ и слатка одмазда за високиот пораз во Ереван на последната меѓусебна средба. Македонија со овој триумф го продолжи победничкиот чекор на домашен терен и три меча по ред не знае за пораз.