Поради високите температури, Министерството за образование на Кипар, одлучи почетокот на учебната година да се пролонгира за една седмица и да започне на 14, наместо на 7 септември, јави дописничката на МИА.
Министерот за образование на Кипар Продромос Продрому рече дека одлуката е донесена поради „невообичаено високите температури, во комбинација со влажноста и присуство на прашина во атмосферата и земајќи ги предвид релевантните совети во врска со потребната превентивна и грижа за здравјето на наставниците и децата”.
Во училишните клупи, согласно здравствените протоколи, ќе се вратат сите ученици, односно класовите и одделенијата ќе бидат во полн состав, а не во групи како што беше случај на крајот од претходната учебна година.
Маската ќе биде задолжителна за средношколците, додека пак за учениците од основните училишта, употребата е по сопствен избор.
Според кипарската новинка агенција ЦНА, во средните училишта, на клупите, ќе биде поставен плексиглас меѓу учениците.