Касами најави реорганизација на Беса и транспарентност на функционерите во извршната власт

Претседателот на Беса, Билал Касами денеска на прес-конференција најави реорганизација на партиските органи на сите нивоа и конгрес на партијата наредната година. Централното претседателство на денешната седница одлучило партијата да се реорганизира и за таа цел ќе бидат формирани експертски групи кои ќе работат на статутарни промени и осовременување на партијата.

-По официјализирање на изборот на новата влада, претседателството на Беса го одржа својот состанок како парламентарна партија која е дел од мнозинството. Внимателно анализирајќи ги сите активности во овој динамичен период, денес централното претседателство дебатираше за плановите и предизвиците што нè очекуваат во наредниот период. Затоа одлучивме да објавиме реорганизација на партијата од структурен аспект, но и формирање на експертски групи за да се направат статутарни измени со што ќе овозможиме функционирање на партијата во согласност со современите трендови на современите европски партии, вели Касами.

Ваквата одлука, појасни тој, значи дека престануваат со функционирање сите досегашни локални органи на Беса, кои по реорганизацијата ќе се подобрат во функционирањето, а некои и ќе се променат. Реорганизацијата треба да се заокружи на партиски конгрес, кој најверојатно ќе се случи наредната година.

Што се однесува до учеството на партијата во извршната власт, Касами вети транспарентност на неговите кадри, но не сакаше да каже кои позиции ќе ги добие Беса во вториот и третиот ешалон односно заменичките-министерски и директорски места.

-Откако ќе бидат формализирани сите назначувања на 2 и 3 ешалон на извршната власт, под мое раководство како претседател на партијата ќе одржиме еднодневна конференција со експерти за транспарентност и декриминализација на која ќе присуствуваат сите функционери назначени од Беса со што ќе се обврземе за транспарентен и инклузивен пристап и бескомпромисна војна со корупцијата и криминалот. Ќе докажеме дека функционерите назначени од Беса ќе бидат пример на владеење на граѓаните и со граѓаните, рече Касами.

Треба да знаете
Последни објави