Легендата на шведскиот фудбал, Златан Ибрахимовиќ го критикуваше селекторот на репрзентацијата, Јане Андерсон по поразот вчера од Франција, прв по десет натпревари, откако загубија во септември 2018 година на домашен терен против Турција.
Причина за реакцијата на Ибрахимовиќ беше изјавата на Дејан Кулушевски, кој одбра да игра за Шведска, наместо за Македонија.
– Мислам дека не добив соодветна минутажа. Бев шокиран! Се чувствував навистина добро на тренингот, но, за жал, тоа е фудбалот, отворено изјави Кулушевски по натпреварот.
Новиот член на Јувентус влезе во 70-тата минута наместо 35-годишниот Себастијан Ларсон, забележувајќи го својот втор настап за репрезентацијата.
Тренерот Јане Андерсон одговори:
– Не разговарав со него по натпреварот, но ако тој го рече тоа, тоа е очигледно негово мислење и ќе мора да разговараме. Тој не ми изгледаше шокиран, тој беше добар на тренинг, како и многу други, рече Андерсон.
Ибрахимовиќ отворено го поддржа Кулушевски и го повика селекторот на Андерсон.
– Каква проклета шега. Уште еден доказ за тоа како неспособни луѓе на погрешни позиции го уништуваат шведскиот фудбал, напиша напаѓачот на Милан на Твитер, ставајќи линк до текст во кој 57-годишниот тренер Андерсон го коментира натпреварот.
Ибрахимовиќ и претходно го прозиваше Андерсон, обвинувајќи го дека им дава премногу мала минутажа на играчи чии корени не потекнуваат од Шведска.