Епидемиолошката состојба во државата со ковид-19 е стабилна, со благ тренд на намалување на бројот на пациенти, вели првиот човек на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски. Сепак, предупредува дека состојбата може лесно да се промени и не смее да се каже дека вирусот ја изгубил силата. Потенцира дека особено есенско-зимските месеци носат повеќе ризик фактори што можат да ја влошат епидемијата.
– Гледајќи го периодот јуни, јули и август се добива впечаток дека имаме лесно намалување од десетина проценти на вкупниот број на дневно регистрирани случаи, ако се земе период од осум недели. Она што го гледаме во последните две недели е намалување на бројот на заболените лица, што донекаде доаѓа до 20 отсто, истакнува Караџовски во изјава за „360 Степени”.
Новите случаи, според информациите од центрите за јавно здравје, во голем дел се поврзани со собири и настани на кои се прекршуваат мерките за заштита. Караџовски вели дека новите кластери се следат и се контролираат, но апелира граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита за да не се ризикува состојбата да се влоши.
Според него, системот е подготвен и за најлошо сценарио, посочувајќи оти има розово, жолто, црвено и црно сценарио.
– Да не испаднеме дека ние сме пророци и предвидуваме што ќе се случи, ние како секоја нормална институција мора да размислуваме за добро, средно добро, просечно, лошо и многу лошо сценарио. Во моментов сме во жолто сценарио, имаме број на заболени, но го држиме под контрола. Состојбата не е влошена, изјави Караџовски
Меѓу ризиците кои може да ја искомплицираат епидемијата е очекуваната сезона на грип и други респираторни заболувања. Дополнителен фактор е што луѓето од наесен ќе почнат се повеќе да минуваат време во затворени простори, што носи голем ризик од ширење на вирусот, доколку не се почитуваат мерките за заштита.
– Ние сме согласни на ниво на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство дека периодот што следи, значи ноември, декември, јануари ќе имаме зголемен број на респираторни заболувања, пред се инфлуенца (грип н.з.). Октомври и ноември ќе имаме зголемен број на респираторни вируси, рино-вируси, параинфлуенца и инфлуенца, односно сезонски грип. Врз основа на нашите статистики во период од 30 години, тоа може да го очекуваме во втората и третата недела околу Божиќ и вториот бран околу февруари и март. Меѓутоа, зголемениот број на респираторни вируси веќе се очекува на крајот на октомври и почетокот на ноември. Ако имаме направено една рамка во која очекуваме зголемен број на заболувања тоа би било крајот на есента и почетокот на зимскиот период кога ќе имаме еден конгломерат на респираторни вируси вклучително и инфлуенца, наведува Караџовски.
Бидејќи дел од симптомите за сезонски грип се исти како и за ковид-19, ќе биде многу важно да се прави разлика при дијагностиката. Караџовски уверува дека лабораториите имаат зголемен капацитет за тестирање, кој е доволен да се одговори на предизвикот.
– Ако некогаш Институтот за јавно здравје правеше по 200 до 250 тестови дневно, сега системот е толку проширен што имаме 12 инситутиции кои тестираат. Со други зборови капацитетот е проширен, системот го апсорбираше првиот удар и ние сега можеме да правиме повеќе од 2 000 теста (дневно н.з.). Значи безмалку 10 пати е зголемен делот за тестирање. Второ, системот може да ги апсорбира бранот на заболени, затоа што бројот на случаи на инфективните одделенија во последните три недели е намален. Да, на здравствениот систем ќе му се одрази ова, но системот веќе го подигнавме на повисоко ниво и спремни сме да одговориме на предизвикот, изјави Караџовски.