По коментарот на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова која на својот Фејсбук профил објави фотографија на претседателот на Србија, Александар Вучиќ од Белата куќа, како седи на столче наспроти работната маса на Доналд Трамп, споредувајќи ја со култната сцена од филмот „Ниски страсти” и острите реакции во Србија, меѓу кои и на Вучиќ, кој оцени дека „се работи за нејзин простатилук”, прво дојде извинување од самата Захарова, која кажа дека била „погрешна протолкуван„ како и до телефонски разговор меѓу Вучиќ и рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, од кабинетот на српскиот претседател соопштија дека „Претседателот Вучиќ денеска разговараше со Лавров и го запозна со разговорите што делегацијата на Србија ги имаше во Вашингтон и Брисел.”
Според соопштението, двајцата соговорници изјавиле дека односите меѓу Србија и Русија се искрено пријателски и ја потврдиле својата решеност да продолжат со работата за реализација на сите заеднички проекти, како и на меѓусебната поддршка на меѓународната политичка сцена.
Шефот на руската дипломатија му порачал на српскиот претседател Вучиќ дека Русија секогаш ќе ја поддржува пријателска Србија.
Претседателот Вучиќ изрази верување дека доаѓањето на претседателот Владимир Путин во Србија ќе има историско значење и ќе придонесе за подобрување на односите и соработката меѓу двете земји, соопштија од кабинетот на Вучиќ.