Царовска: Може да се поправат дефектите и да се врати образовниот систем на вистинскиот колосек

Не смееме да дозволиме црно-бела слика и исклучиви позиции, да се одлучува за избор: или здравје или образование на децата. Тоа не е добро. Сосема искрено, јас во овој процес влегувам како министерка, но и како загрижен и одговорен родител, вели за почетокот на учебната година новата министерка за образование и наука Мила Царовска во интервјуто за Факултети.мк.

Мандатот го почнува во услови на пандемија, кога излегоа на површина децениските проблеми и недостатоци во образованието. Царовска верува дека може да се поправат дефектите и да се врати системот на вистинскиот колосек – да создава кадри со знаења и вештини, да се врати довербата на родителите, како и достоинството на наставниците. Најавува промени и вели дека за добри и успешни научни проекти, секогаш ќе се најдат пари.

-И пред да станам министерка, за мене образованието беше сегмент во кој се интегрираат највисоките морално-етички вредности, фундаментални и апликативни знаења и клучна вредност за секоја држава, за секоја економија, но и емоционално, за секој родител/старател, за секое семејство. Знаете, да бидам повеќе од конкретна, грешка во инфраструктура се исправа со неколку зафати и тоа може да трае неколку дена. Но грешките, како во минатото, во образованието траат со години, децении. Зафатот и да е можен, веќе има неповратни последици. И тоа за мене е политички, но многу повеќе личен, емоционален, колективен предизвик. Тоа што ќе успееме да го направиме во образованието е историски предизвик и одговорност. Многу работи се направени претходно, и јас сум благодарна, но уште повеќе работи мораме да направиме итно, сега, нужно, за понатаму да се продолжат. Исто како во образованието, почнувате во основно, па средно образование, сакате да продолжите на факултет, и ако сте успешни и имате мотивација, и понатаму. Оттаму, секој еден човек во системот на образование е една или повеќе цигли во нашата образовна куќа. Правата се на индивидуата, а обврските и одговорностите се на образовните кадри, системот и управувањето на сите системи. За мене, тоа е различно од економијата, каде што инвестирате во некого, но ризикот е негов. Ако генерално е така, во услови на пандемија, обврската и одговорноста се драматично поголeми. Јас од тоа не бегам. Немам право, како политичар, како родител и како одговорна и посветена личност, без разлика на ресорот, да избегам од обврската да креираме најдобар можен систем во услови на ваква криза. Токму затоа, сосема објективно и конкретно, во изминатиот период, со право, се води генерална и широка дебата за најдобриот модел, вели Царовска.

Целото интервју на Факултети.мк.

Треба да знаете
Последни објави