Масовни протести се одржуваат во речиси сите региони на Белорусија, а на демонстрациите во Минск беа уапсени десетици лица, изјави денеска портпаролот на белоруското Министерство за внатрешни работи, Олга Чемоданова.
Таа нагласи дека бројот на протести што се во тек не е голем и дека апсењето на демонстрантите се случило денеска само во Минск, додека во другите делови на државата досега немало такви случаи.
Масовните протести во Белорусија избија по спорните претседателски избори, што се одржаа на 9 август.
Белоруската група за човекови права Вијасна соопшти за апсење на 37 луѓе во главниот град Минск, чиј центар го чуваат голем број припадници на полицијата, а оклопни возила се распоредени околу стратешки места. Покрај масовните безбедносни сили, на улиците се и водени топови и оклопни возила, а барикадите и бодликавите жици ги затворија влезовите во метрото.
Лукашенко (66) е на власт 26 години и одбива дијалог со опозицијата и покрај речиси секојдневните протести против него и се шета во јавноста со Калашников, нарекувајќи ги демонстрантите „стаорци”и обвинувајќи го Западот за заговор за соборување од власт.
Околу 4.000 луѓе беа на улиците во Минск вчера, а 91 лице се приведени, соопшти Министерството за внатрешни работи.