Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Брисел изјави дека имал добра средба со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак и заменик помошникот државен секретар на САД Метју Палмер и истакна дека верува оти сите разговори во Брисел ќе дадат резултати.
– Разговаравме за сите важни теми. Официјалниот дијалог ќе продолжи утре, денеска имаме важни состаноци на нашите тимови и верувам дека ќе има резултати, изјави Вучиќ.
Тој посочи дека во продолжението на дијалогот, од утре, има три клучни теми на разговор – исчезнатите лица, внатрешно раселените лица и економијата, потпирајќи се дел од она што беше разговарано во Вашингтон.
– Како да го искористиме тоа и како да ги подобриме односите, а не да се гледаме како непријатели, туку да работиме во корист на народот, и на Србите и на Албанците, рече Вучиќ.