Заев поканет на конференција на „Економист” во Атина

Премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев доби покана да учествува на конференција на „Економист”, што ќе се одржи во Атина кон средината на септември годинава.

Како што дознава МИА од владини извори, поканата сериозно се разгледува и постои интерес да биде прифатена.

Конференцијата на Економист е „24-та тркалезна маса со грчката Влада”, што традиционално се одржува секоја година, а е планирана за 15 и 16 септември во областа Лагониси, во источниот дел на регионот Атика, јави дописничката на МИА од Атина.

Според објавената агенда, доколку премиерот Заев дефинитивно ја прифати поканата, ќе учествува на панел дискусија посветена на Западен Балкан, на вториот ден од конференцијата.

За проширувањето на ЕУ, за реформите што треба да се спроведат, како и за трговијата и инвестициите, на панел дискусијата посветена на регионот, ќе дискутираат Зоран Заев (доколку начелно прифатената покана биде и дефинитивна), поранешните претседатели на Црна Гора и Србија, Филип Вујановиќ и Борис Тадич, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија, кои веќе ја прифатиле поканата, додека пак за политичката перспектива ќе говори поранешната шефица на грчката дипломатија, а сега пратеничка од Нова демократија, Дора Бакојани.

Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, министри од грчката Влада, меѓу кои и оние за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, шефот на кипарската дипломатија, амбасадорот на САД во Грција итн.

На ланската конференција на Економист, односно на 23-та тркалезна маса со грчката Влада, учествуваше тогашниот шеф на македонската дипломатија Никола Димитров.

Треба да знаете
Последни објави