„Порше“ позајми 400 работници од „Ауди“ на најмалку две години за да одговори на зголемената побарувачка за својот прв целосно електричен автомобил „Тајкан“.
Портпаролот на „Ауди“ го потврди трансферот на 400 работници во „Порше“, истакнувајќи дека група работници од погонот за производство на бои и каросерија се приклучиле на „Порше“ уште на 1 јуни, пренесува SEEbiz.
Набргу откако „Порше“ започна да прифаќа нарачки за „Taјкaн“ во 2018 година, побарувачката беше значително поголема од очекуваната и ја принуди компанијата да ги удвои своите први цели на производство од 20.000 на 40.000 единици.
Оваа година „Порше“ започна и со испорака на „Тајкан“ во САД, а засега има зголемена побарувачка за овој скап спортски електричен автомобил.
Големата побарувачка е добар знак за растечкиот сегмент на луксузни целосно електрични автомобили, така што е и предизвик за „Тесла“ како компанија која е пионер во сегментот на престижни електрични автомобили.
Покрај „Порше“, во овој сегмент има и неколку нови играчи, како што се „Мерцедес“ и „Ауди“, кои имаат значително повеќе искуство и репутација во автомобилската индустрија, така што дефинитивно би можеле да го замаглат досегашниот успех и зголемената продажба на автомобилите „Тесла“.