Чешка денеска забележа 1.164 нови случаи на инфицирани лица со коронавирусот, што претставува рекорден дневен скок на бројот на заразени во земјата.Досега, дневниот број на случаи во септември беше над 500, што е веќе многу повеќе од дневниот врв во март, кога беа евидентирани 377 случаи.
Чешките власти, кои дејствуваа брзо и воведоа карантин во март за спречување на ширењето на вирусот, сега сакаат да го избегнат, откако економијата падна за 11% на годишно ниво од април до јуни.
Зголемувањето на бројот на случаи во Чешка е меѓу најбрзите во Европа, а стапката на инфекции во последните две недели беше побрза само во Шпанија, Франција, Малта, Романија и Хрватска, според Ројтерс, повикувајќи се на податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) .
Сепак, бројот на починати во Чешка остана помал отколку во многу други европски земји. Заклучно со денеска, од почетокот на пандемијата биле регистрирани 441 смртни случаи од вкупно 29.877 случаи со коронавирус.
Бројот на хоспитализации порасна минатата недела, но сепак е половина од нивото што беше забележано порано за време на пандемијата.
Владата наведува дека многу нови случаи се асимптоматски и се забележани кај помладата популација.



