Два дена откако „пукна“ скандалот дека повеќе од 4.000 доверливи документи со искази и податоци за сведоците на Специјалното обвинителство за Косово се однесени во канцеларијата на ветераните на ОВК, обвинителството со седиште во Хаг одбива да коментира.
На прашањата на Танјуг за изнесувањето на документите од просториите на обвинителството одговараат дека нема ниту да потврдат ниту да ги демантираат информациите. И притоа нема потврда ниту за автентичноста на документацијата.
Косовската „Газета експрес“ дека сепак претставници на Специјалното обвинителство дошле во просториите на ветераните на ОВК и зеле копии од документите.
„Пристигнаа истражители на Специјалниот суд. Бараа копии од тие досиеја кои што ни пристигнаа вчера. Копиите требаше да ги дадеме на нашето обвинителство, но им ги дадовме ним“, вели секретарот на воени ветерани од ОВК, Фатон Кљинку.
ЕУЛЕКС во меѓувреме ги демантираше информации дека направиле претрес во просториите на организација.
Се отвора дилемата за безбедноста на сведоците во случаите на Обвинителството доколку нивните искази и имиња бидат јавно објавени или дојдат во погрешни раце. Приштинскиот адвокат Том Гаши, кој одблиску ги следи постапките кои што ги спроведува Специјалното обвинителство, вели дека овој настан може да има многу ризични правни последици за сведоците.
„Мислам дека би можеле да настанат многу ризични правни последици за сведоците и за останатите доколку нивните имиња се објават. Не би требало и законски и е забрането да се објавуваат имиња на сведоци, без разлика дали се заштитени или други. Сите сведоци на Специјалниот суд треба да имаат ситуација дека доброволно ги даваат своите изјави, а не да бидат под притисок дека некој би ги дознал нивните имиња уште пред судењата да почнат“, вели Гаши.
Документите се доставен до воените ветерани во понеделникот од лице кое, маскирано со капа и очила за сонце, е снимено од безбедносните камери како носи голем пакет.
Специјалното обвинителство на Косово, е со седиште во Хаг и во него работат меѓународни обвинители и судии, токму поради стравувањата околу заштитата на сведоците. Обвинителството во јули поднесе обвинение против косовскиот претседател Хашим Тачи, а пред само една недела го сослушуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети за неговата улога во војната на Косово во текот на 1999 година.



