Откриен планот на британската влада: 10 милиони тестови за коронавирус секој ден

Британското медицинско списание БМЈ објави дека владата на Велика Британија работи на плановите за зголемување на бројот на тестови за коронавирус на незамисливи нивоа.

Особено, до почетокот на следната година, тие планираат да спроведат до 10 милиони тестови дневно на Ковид-19 како дел од огромното проширување на националната програма за тестирање, соопшти БMJ, повикувајќи се на официјални документи до кои им бил даден пристап.

Внатрешните документи од владата на Велика Британија откриваат дека владата е подготвена да ја потроши сумата што вообичаено се троши годишно во јавниот здравствен систем (NHS), околу 130 милијарди фунти, за да го плати масовното тестирање кое има цел поддршка на економската активност и враќање во нормален живот.

Меморандумот што БМЈ го доби на увид, т.н. операција Moonshot, испратен до шкотската премиерка Никола Старџен и нејзините министри, предвидува дека спроведувањето на планот ќе чини повеќе од 100 милијарди фунти. Ако оваа програма се спроведе во реалност, тоа ќе значи дека целото население на Обединетото Кралство може да се тестира секоја недела.

БMJ, исто така, имаше увид во пауерпоинт-презентацијата подготвена за владата на Велика Британија од консултантската компанија Boston Consulting Group, во која се наведува дека планот предвидува тековниот капацитет за тестирање да се зголеми од 350.000 на ден на неверојатни 10 милиони тестови на ден до првиот дел од 2021 година.

Критичарите веќе го коментираа планот, велејќи дека тој е лишен од какви било информации од научници, клиничари и експерти за јавно здравје, како и експерти за тестирање. Тие исто така тврдат дека планот целосно ги игнорира огромните проблеми со постојните програми за тестирање и следење.

Документите кои се појавија откриваат дека владата на Велика Британија планира да се потпре многу на приватниот сектор за да постигне масовно тестирање, но исто така и дека владата веќе има потпишано писма со приватни компании за да достигнат 3 милиони тестови на ден до декември. БMJ пишува дека фармацевтските гиганти GlaxoSmithKline и AstraZeneca треба да обезбедат тестови и лабораториски капацитет, а Serco и G4S треба да се грижат за логистиката и просторот за складирање.

Треба да знаете
Последни објави